LOGO R Arch
Picture13

НАСЛЕДСТВО – АТЕЛЈЕ АЈВАР

Filmreel spremna
Picture4

Ателје Ајвар е првото приватно проектантско биро основано по осамостојувањето на Република Македонија. Со својата долгогодишна и плодна работа во полето на архитектурата и градежништвото, како и со пошироката професионално општествена ангажираност, Ателје Ајвар има извршено големо влијание врз тековите на архитектурата и подигање на статусот на архитектот во општеството како стручњак и творец.

Првите неформални почетоци на Ателје Ајвар се уште од 1973 година, кога се оформува неформална студентска група „АЈВАР“, каде заедно работат и студираат Бато (Миодраг Радоњиќ), Ранчо (Ранчо Христов), Симе (Симон Узуновски) и Кокан (Стеван Смилевски).

Во 1991 година, Миодраг Радоњиќ – Бато и Ранчо Христов го регистрират „Ателје Ајвар“ ДОО, Скопје, кое во тоа време е првото приватно Ахитектонско биро во Р. Македонија. Проектантскиот тим на „Ателје Ајвар“ низ годините се до 2001 година, го сочинуваат партнерите Миодраг Радоњиќ – Бато и Ранчо Христов, вработени млади архитекти, како и дел од Групата „Ајвар“, како надворешни членови.

Во 1995 година, Миодраг Радоњиќ – Бато, како еден од основачите ја регистрира Компанија Х.Р.Р.М. ДОО, Скопје, како инвеститорска и градежна фирма, партнер на Ателје Ајвар, со што ја проширува својата дејност на инвестирање и градежништво.

Ана Радоњиќ од 2003 година, како студент по архитектура, соработува на бројни проекти на „Ателје Ајвар“, за по дипломирањето да се вработи во „Ателје Ајвар“, најпрво како проектант соработник, а потоа како самостоен овластен проектант. Во периодот од 2012 до 2017 година, е управител на Ателје Ајвар ДОО, Скопје, со што се стекнува со искуство како за водење на комплетна изработка на проекти како главен проектант, така и со општо водење и менаџирање на тековните работи во проектантското биро.

Ателје Ајвар со Компанија Х.Р.Р.М. во периодот од дваесет и шест години, до 2017 година работи на проектирање, инвестирање и изградба на голем број на сопствени објекти и објекти за други инвеститори. Во овој период изведени се вкупно 19 објекти, од кои 7 објекти како сопствената инвестиција и 12 објекти за други инвеститори.

Тимот на Ателје Ајвар како проектантско биро, но и како поединци активно се вклучени во професионално општествените текови, со активно учество во сите струкови здруженија, а особено во Асоцијација на Архитекти на Македонија (ААМ).

Миодраг Радоњиќ – Бато членува во Асоцијација на Архитекти на Македонија (ААМ) уште од 1977 година (тогашно Друштво на Архитекти). Во периодот на долгогодишното членство бил член на Управниот одбор, член и претседател на повеќе комисии за доделување на стручни признанија и награди, а од 2004 до 2008 бил и Претседател на Собранието на ААМ. За време на неговото претседателствување со Собранието на ААМ, во 2007 година е формирана и Комората на Овластени Архитекти и Инженери на Р.Македонија, на која е и еден од основачите. Ова достигнување доаѓа како резултат на долгогодишната иницијатива и заложба на ААМ и е од особено значење за понатамошниот развој на струката. Во 2018 година ја добива наградата „Андреја Дамјанов“, награда за животно дело и особени достигнувања во областа на архитектурата и градежништвото, која ја доделува Асоцијација на архитекти на Република Македонија (ААМ). Со тоа станува и член на Академијата на Архитекти, почесно тело во состав на ААМ.

Ана Радоњиќ уште од своето дипломирање членува во Асоцијација на Архитекти на Македонија (ААМ). Од 2012 до 2020 година, во два мандата е член на Управниот одбор на ААМ, член е на повеќе комисии за доделување на стручни признанија и награди, член на три Организациони одбори на Биенале на Македонската Архитектура – БИМАС. Во 2021 година, назначена е од страна на Асоцијација на Архитекти на Македонија (ААМ) за претставник – делегат во Асоцијација на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија (ИМИ).

Како резултат на плодното и креативно творештво во сферата на архитектонската, урбанистичката и градежната дејност, како и за афирмација на професијата, Ателје Ајвар со својот тим ги добил бројни признанија и награди:

1989 Награда за најдобар проект на БИМАС, за локалниот центар „Првомајска“ во Скопје (Миодраг Радоњиќ – Бато и тимот на Завод за Урбанизам на Р.Македонија)
1993 Награда за најдобар проект на БИМАС, за Хотел „Алфа – С“ во Трутнов, Чешка (Ателје Ајвар);
1997 Награда за „Куќа која сонува“ на БИМАС, за куќата на семејството Костовски во Скопје (Ателје Ајвар);
1997 Специјално признание на БИМАС, за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации (Ателје Ајвар);
1997 Награда за најдобар реализиран објект „ХРРМ 01“ на ул. „Донбас“, бр. 11 во Скопје од Градоначалникот на град Скопје (Ателје Ајвар);
2003 Награда и благодарница од Главниот архитект на град Скопје за станбено-деловен објект на ул. „Огњан Прица“ бр. 31 во Скопје (Ателје Ајвар);
2017 Награда „Борис Чипан“ за придонес во развојот на архитектонско-инженерската струка во Р.Македонија од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Р.Македонија (Ателје Ајвар);
2018 Награда „Андреја Дамјанов“ за животно дело и особени достигнувања во областа на архитектурата и градежништвото, која ја доделува Асоцијација на архитекти на Република Македонија (ААМ) (Миодраг Радоњиќ – Бато).